Економија Самит во Истанбул

Азески: Слободната и фер трговија треба да биде приоритет во глобалната економска трансформација

Во рамките на овој настан, Азески оствари средба со претседателот на Трговско-индустриската комора на Текирдаг, Џенгиз Гунај, утврдувајќи ги правците за заедничка натамошна соработка.

Азески: Слободната и фер трговија треба да биде приоритет во глобалната економска трансформација

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески учествуваше на Самитот на Европа и Азија, што се одржа во Истанбул, на тема: „Колаборативен пристап кон климатска акција“, во организација на Светската коморска федерација (World Chambers Federation – WCF) и Унијата на комори и стокови берзи на Турција (TOBB).

Дебатирајќи за улогата на коморите во поттикнувањето на глобалната економска трансформација и климатските промени, највисоките претставници од коморите и деловните лидери се согласија дека слободната и фер трговија треба да биде приоритет, наспроти протекционистичките трендови во одредени области. Имајќи предвид дека 75 отсто од глобалната трговија е регулирана со правилата на СТО, кои обезбедуваат стабилност и предвидливост, бизнис-лидерите порачаа дека за да се одговори на предизвиците на 21 век, мора да се работи на зачувување и подобрување на овие правила.

Во бројните средби во рамки на Самитот со претседателите на стопанските комори, Азески истакна дека СКСМ инсистира да се идентификуваат полињата на соработка помеѓу науката и бизнисот на планот на одржливиот развој и зелената економија, со цел преку стручна и научно-базирана основа, компаниите да се приспособат кон современите трендови во насока на зголемување на конкурентноста и исполнување на строгите услови и критериуми на ЕУ и другите пазари. Азески ја нагласи и важноста на Софиската декларација за Западен Балкан од 10 ноември 2020 година, која ги обврза земјите од овој регион да ја имплементираат зелената агенда и во делот на минималното испуштање на јаглерод, но и во други пет области: климата, енергијата, циркуларната економија, загадување и одржливо производство на храна.

Во рамките на овој настан, Азески оствари средба со претседателот на Трговско-индустриската комора на Текирдаг, Џенгиз Гунај, утврдувајќи ги правците за заедничка натамошна соработка.

Овој настан беше одлична можност да се разменат информации за најновите случувања околу климатските промени и да се подигне свеста за практиките што коморите и бизнис-заедницата ги спроведуваат како одговор на размислувањата за климатските ризици, вклучувајќи инвестициски планови, корпоративни стратегии и корпоративни активности на планот на општествената одговорност. Со тоа тие и практично покажаа дека зелената трансформација не е далечна цел, туку можност и предизвик за компаниите, укажувајќи дека е крајно време да се преземе проактивна улога и во зелената транзиција на економиите од регионот, за да се направи регионот и економски стабилен и одржлив.

На првиот состанок на Советот на жени при коморите во рамки на WCF, на кој од Стопанската комора на Северна Македонија учествуваше д-р Елена Милевска Штрбевска, претседател на Постојаниот избран суд–Арбитража при Комората, се дебатираше за предизвиците и можностите со кои се соочуваат жените во нивните лидерски улоги во коморите и во компаниите. Преку споделените искуства на жените во бизнис-светот се упати порака дека различноста меѓу половите овозможува меѓусебно надополнување што треба да придонесе за подобар успех на тимовите, проектите и плановите, особено имајќи ги предвид предностите на жените како стрпливи и одлични преговарачи, моќни лидери со претчувство за ризик и навремено реагирање во кризни ситуации, како и природниот инстинкт за грижа за тимот, што може да доведат до корпоративен напредок и развој.

To top