Вести

Американски медиуми: Путин подготвен на примирје во Украина само ако се запазат тековните линии на фронтот

Претседателот на Русија Владимир Путин е подготвен да се согласи на примирје ако неговата војска остане на тековните линии на фронтот, јавуваат дел од американските медиуми повикувајќи се на ексклузивен извештај од светска новинска агенција.

Американски медиуми: Путин подготвен на примирје во Украина само ако се запазат тековните линии на фронтот

Претседателот на Русија Владимир Путин е подготвен да се согласи на примирје ако неговата војска остане на тековните линии на фронтот, јавуваат дел од американските медиуми повикувајќи се на ексклузивен извештај од светска новинска агенција.

Во извештајот објавен денеска и кој се повикува на четворица руски извори се вели дека Путин е подготвен да продолжи да војува ако Киев и Запад не се согласат на примирје под тие услови.

Москва и Киев засега не ја коментираа објавата.

Путин претходно изјави дека Русија е подготвена на преговори ако ја земат предвид „ситуацијата што се создаде на теренот“.

Според агенцијата, лице запознато со дискусиите во тесниот круг на рускиот претседател укажало дека тој не бил задоволен од неподготвеноста на украинските власти на преговори под негови услови, а Запад во тоа ги поддржува. Друг извор укажал дека Путин е подготвен да ја „замрзне војната“, но и дека може да војува и понатаму.

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, на прашање од агенцијата кажа дека Русија не сака „вечна војна“ и е подготвена за преговори – но само ако се постигнат нејзините цели.

Според изворите, Путин смета дека со постигнатата контрола врз низа украински територии, а во случај на склучување примирје, тоа може на рускиот народ да се претстави како „победа“. Од друга страна за нова решителна офанзива ќе треба нова мобилизација, но Путин не го сака тоа со оглед на непопуларноста на таканаречената делумна мобилизација во септември 2022 година. Тогаш, стотици илјади лица ја напуштија земјата плашејќи се од насилна мобилизација во војната на Русија во Украина.

Во јуни во Швајцарија е закажана мировна конференција на тема можно завршување на војната.
Русија не е поканета на меѓународната средба за разлика од низа други неутрални земји. Украина од средбата очекува усогласување на позициите на десетици земји за тоа какви можни услови да се постават до Русија за да се создадат услови за преговори. Украина го повика рускиот сојузник Кина да учествува на конферецнијата, но Пекинг засега молчи. На средбите свои претставници испраќа Турција и најверојатно Индија. Бразил неодамна изјави дека нема да учествува.

Москва од своја страна не се согласува со таканаречаната формула за мир која предвидува повлекување на руската војска од сите окупирани територии на Украина.

To top