Досегашниот тренер Владо Недановски и управата на клубот се договорија за прекин на соработката.
Клубот преку официјално соопштение во кое директно обраќање има претседателот Михајло Михајловски ја соопшти веста за смената.
Во соопштението се наведува дека дојде време за промени, меѓутоа Недановски не заминува од Вардар. Напротив, тој ќе добие нова улога во клубот.
„Со сегашниот тренер Владо Недановски заеднички се договоривме дека во овој момент, и во интересен на клубот е најдобро некој друг тренер да продолжи со тимот, и да се обидеме заеднички да го оствариме она што е наша цел сезонава.
Во овој период е тешко да се најде квалитетен а слободен тренер, но веќе преговараме со тројца добри тренери, кои не се од блиското опркужување. Сигурен сум дека до среда (30 октомври) ќе го имаме името на новиот тренер. За сите условот е најдоцна до 15 ноември да почнат да работат со тимот. До тогаш тимот ќе го води Стојанче Стоилов, сегашниот помошник тренер.
Во ракомет е пракса дека кога нешто не оди, прво да се смени тренерот, иако не сме задоволни ниту од дел од играчите кои не го дадоа она што го очекуваме од нив, и тие треба да се замислат за својот иден статус во РК Вардар. Најважно е максимумот да го дадат на тренинзите, бидејќи како се тренира, така и се игра.
Со досегашниот тренер, Владо Недановски пријателски се договоривме да остане и понатаму дел од клубот, и заедно сите да работиме на постигнување на подобри резултати на сите полиња. Верувам дека ќе успееме во тоа, бидејќи патот е веќе трасиран, и треба само да бидеме упорни во одењето кон врвот“, стои во соопштението на РК Вардар 1961.
Клупата на Вардар привремено ќе ја преземе Стојанче Стоилов. Се очекува вардаровата легенда да го поведе тимот на гостувањето кај Порто во Европската лига на ЕХФ, а потоа до среда е најавен ангажман на новиот предводник.