Ракометарите на Вардар и Еурофарм Пелистер забележаа рутински победи во натпреварите против Бутел, односно Пролет, и се израмнија со бројот на бодови со Алкалоид, кој утре има тешко гостување на жешкиот терен во Кавадарци.
„Црвено-црните“ многу потешко од очекувано дојдоа до победата против Бутел на гостински терен, но сепак, на крајот победија со 27-30. Отпорот на домашните траеше некаде до средината на вториот дел, но Вардар со серија од четири гола дојде до водство од 20-27, со што го реши прашањето околу победникот.
Еурофарм Пелистер беше далеку поубедлив и на домашен терен го совлада Пролет со 30-21. Битолчани одиграа фуриозно прво полувреме, кое го добија со повеќе од убедливи 20-9.
Сепак, ниту Вардар, ниту Еурофарм Пелистер, ниту Алкалоид, не се лидери на табелата. Првата позиција е за ракометарите на Охрид, кои попладнево дојдоа до пет од пет и максимални 10 бода, откако го добија езерското дерби против Струга на гостински терен со 17-31.