Македонскиот ракометен клуб, Вардар 1961, со победа над градскиот ривал Алкалоид го започна плеј-офот од Суперлигата.
Средбата во „Јане Сандански“ заврши со триумф на „црвено-црните“ од 34-26, а една седмица по одигрувањето Вардар 1961 објави соопштение во кое се наведува дека е разочаран од неколку постапки на противникот.
Соопштението на Вардар 1961 ви го пренесуваме во целост:
Ракометниот клуб Вардар 1961 секогаш бил за спортски фер-плеј и за победа на ракометот, без разлика дали победувал или бил победен. За нас најважно е самите да извлечеме поуки од грешките и пропустите, и да ги исправиме, без притоа да гледаме во туѓиот двор и да бараме алиби за евентуалните слаби игри и резултати.
Така ќе биде и во иднина, и веруваме дека и сите наши ривали ќе се однесуваат на ист начин. Особено сме изненадени од однесувањето на официјалните лица на нашиот градски ривал Алкалоид, чии претставници по одиграниот натпревар во СЦ „Јане Сандански“ во записникот најавија жалба за материјална повреда која влијае на исходот на резултатот.
Вардар 1961 победи убедливо со 34-26, прикажувајќи одлична и убедлива игра, и во текот на целиот натпревар водеше, што само покажува дека во ниту еден момент ривалот немаше шанса да се приближи резултатски, и доминиравме. Тој меч Вардар 1961 го одигра мастрално и немаше никаква материјална повреда која влиајеше на резултатот.
Мораме да потенцираме дека сме особено разочарани што после ваков триумф над Алкалоид, нашите соседи се обидуваат да ја омаловажат нашата победа и да бараат најразлични банални причини за својот пораз. На мечот Вардар имаше повеќе исклучени играчи и беа досудени повеќе пенали против нас, за разлика од нашиот противник, кој сега си бара оправдување.
Свесни сме дека овој период од сезоната е многу важен и секој бара алиби за сопствените порази, но тоа не треба да се бара на начин со кој се омаловажуваат другите. Секој треба да си ги бара грешките во сопствените редови.
Не сакаме да се навраќаме на она што било во минатото, но сигурни сме дека многумина ќе се сетат каков третман имаа одредени клубови и редно време е веќе ракометот да биде спорт во кој ќе победи подобриот, а не оној што ќе направи поголем притисок. Ракометот е нашата заедничка гордост и треба да го браниме од оние што се во него поради лични интереси.
Новото раководство на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) има шанса и треба истата да ја искористи, да не дозволи поединечни клубови да вршат притисоци и да се обидуваат на тој начин да ги остваруваат своите цели“.