Ракометарка на Рапид Букурешт и македонската ракометна репрезентација, Сара Ристовска, изјави дека нашиот национален тим покажува знаци на напредок во многу сегменти и е задоволна од тоа како девојките се подготвувале за настапот на Европското првенство.
„Имавме добри подготовки, видов напредок и сфатив дека подобривме многу сегменти во одбраната и нападот. Најпрво играме со силната Шведска, но мислам дека сите се фокусираме на мечот со Турција. Знаеме колку се силни Швеѓанките, па затоа ќе се обидеме трпеливо да ја градиме нашата игра.
Ним повеќе им одговара брзо и силно темпо, па можеби тука ќе успееме да ги изненадиме. Имаме тим полн со млади и полетни девојки, мислам дека допрва ќе созреваме и растеме.
Ќе ги оставиме срцата на теренот и нема да го земеме настапот на Европското првенство здраво за готово. Како капитен на тимот, силно верувам во нашите квалитети“, рече Ристовска.