Македонската легенда и актуелен селектор, Кирил Лазаров, со децении наназад е една од најреспектираните ракометни личности во Европа, поради што не изненадува што редовно е цел на странските медиуми, кои сакаат да ја слушнат неговата приказна.
Предводникот на Алкалоид деновиве даде опширно интервју за српски портал во кој се навраќа на играчката кариера, говори за тренерските почетоци, а се навраќа и на проектот Вардар и неговите две европски титули, од кои, според него, македонската селекција не добила ама баш ништо.
„Се восхитувам на тоа што Вардар го направи, тој беше двоен европски првак. Го направи успехот со странски играчи и јас го почитувам тоа. Тоа беше стратегија, се покажа дека е вистинската. Моја замерка за Вардар е зошто не работеше во исто време со помладите категории. Зошто во позадина немаше младински погон? Односно имаше, како и втора екипа, но таму не се работеше квалитетно. При освојувањето на европските штитули таму беше само Стојанче Стоилов од домашните играчи. Двете шампионски круни остануваат засекогаш запишани, се промовираше и Македонија, но репрезентацијата не доби ништо од тоа“, анализира Лазаров.
Македонската легенда открива дека пред трансферот во Барселона имал понуда од црвено-црните и тоа за повеќе пари, но дека решил да останел во Шпанија.
„Играв во Атлетико Мадрид, кога Сергеј Самсоненко ме повика да дојдам. Тој само што влезе во Вардар, а јас веќе имав потпишано за Барселона. Тоа беше тајна, никој не знаеше за тоа. Ми кажа дека ме сака во тимот, дека најдобриот македонски играч треба да биде во Вардар. Тој направи се за да бидам дел од клубот и проектот. Цел живот чекав, работев напорно за да играм за Барса, навивав за тој клуб. Затоа му реков: ‘Ти благодарам, сè е одлично, но ова е мојот сон’. А понудата на Вардар беше финансиски посилна. Останав четири години во Барселона. Нешто во мене ми кажа дека Барселона е шанса што не треба да ја пропуштам. Но, мило ми беше што ме покани. Подоцна немаше можност, дојде и Нант, Вардар почна да се распаѓа и така никогаш не го облеков дресот на Вардар“, се потсеќа македонскиот селектор.
По повеќе од две децении минати во странство, Лазаров направи споредба со работата надвор и во Македонија.
„Секогаш велам дека не можете без нашите луѓе, а со нив е тешко. Атмосферата дома е поинаква, менталитетот е храната што те влече напред. Од друга страна, неверојатно е колку проблеми и пречки имате. Наеднаш се појавуваат, измислуваат дека си ваков, таков, дека не си добар човек. Потешко е да се работи во Македонија отколку во Франција и Шпанија, земји во кои живеев долго време. Тешко е да се задоволат сите“, искрен е легендарниот ракометар.