Десното крило Мигел Пинто би можел да го засили тимот на Вардар пред стартот на следната сезона. Според информациите на „Handball Basse“, досегашниот член на португалскиот Агуаш Санташ е на чекор до премин во „црвено-црниот“ тим.
Пинто има 25 години (194/92) и потекнува од Паио Де Олеирос, беше член на Колехио Дос Карваљос, пред во 2016 година да се пресели во Порто, каде играше за вториот тим.
Во Порто играше и во првиот тим, а една сезона беше позајмен на Гаиа. Во 2021 година заминува во Агуаш Санташ, каде ја завршува третата сезона. Во првата сезона на 35 средби даде 97 гола, лани имаше 151 гол на 41 натпревар, додека оваа сезона одигра 30 меча и постигна 74 погодоци.
Евентуалниот трансфер во Вардар ќе биде прво интернационално искуство за Пинто во неговата кариера, во која играше за Португалија на младинското ЕП 2018 и младинското СП 2019 година.