По две години пауза, Вардар се враќа на европската ракометна мапа и повторно ќе биде дел од натпреварување кое го организира ЕХФ, а првиот настап за најтрофејниот македонски клуб ќе биде оној против Валур.
Исландскиот тим ќе гостува во Скопје во рамки на новата сезона во Лигата на Европа, а натпреварот е закажан за во вторник во СЦ „Јане Сандански“ (20:45 часот).
Владо Недановски како тренер на тимот очекува добро издание и посакувана премиера со победа во Лигата на Европа, со надеж дека тимот набрзо ќе се врати и во елитната Лига на шампиони.
– Мило ми е што се враќаме на европската сцена и тоа што ќе гледаме европски ракомет во „Јане Сандански“. Сите се надеваме деак брзо ќе гледаме натпревари и во Лигата на шампиони. Ние сме еден млад тим кој сака да игра брз и модерен ракомет, но истото важи и за речиси сите во Европа.
– Подготвени сме за овој меч, Валур покажа деак е квалитетен тим со тоа што го освои третото по ранг натпрварување на Европа. Како домаќините ја преземаме фаворитската улога и се надеваме дека ќе ја оправдаме. Сакам да ја полниме салата, имаме квалитетни противници во нашата група, – изјави тренерот Недановски.