Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре попладне против ПСЖ во Битола ги продолжуваат настапите во Лигата на шампиони (ЛШ). По подолг период на терените се враќа и долгогодишниот македонски репрезентативец, Дејан Манасков.
– Помина доста време откако не сум на терените и едвај чекам да почне натпреварот. Мотивиран сум, за тоа не треба многу да се говори. Чест ми е што по една година пауза повторно ќе настапам во Лигата на шампиони.
Добро сме подготвени и расположени особено по победата над Вардар. ПСЖ е меѓу петте најдобри екипи во Европа, знаеме и каков стил на игра негува Раул. Имаат одлични поединци, затоа им ја препуштаме фаворитската улога, но нема лесно да ја продадеме кожата, истакнува Манасков.
Мечот Еурофарм Пелистер – ПСЖ се игра утре (18.45) часот во салата „Боро Чурлевски“.