Ракомет

Македонија во вториот барабан за ждрепката за СП 2025

Македонија во вториот барабан за ждрепката за СП 2025

Македонската женска ракометна репрезентација на досега најголемото Европско првенство (ЕП) за ракометарки, со учество на 24 селекции, кое се игра во Австрија, Унгарија и во Швајцарија, го освои 18-то место.

На минатото ЕП, во 2022 година, Македонките беа 16-ти од исто толку селекции. Со пласманот на ЕП 2024, црвено-жолтите се најдоа во вториот барабан за ждрепката на двојките во квалификациите за пласман на Светско првенство (СП) во 2025 година, односно за само едно место не се во првиот барабан.

Светскиот првак Франција, домаќините Холандија и Германија и трите освојувачи на медали на ЕП 2024 ќе имаат директно место на СП 2025, а за Европа ќе останат уште 11 места, кои ќе бидат пополнети со баражите. Ждрепката треба да се влече на 14 декември, во Виена.

Во првиот барабан се Фарски Острови, Исланд, Чешка, Австрија, Шпанија, како и шест од следниве девет селекции: Словенија, Швајцарија, Норвешка, Данска, Полска, Романија, Шведска, Црна Гора и Унгарија.

Во вториот барабан се Македонија, Хрватска, Турција, Србија, Португалија, Украина, Словачка, Литванија, Косово, Израел и Италија. ЕП 2024 продолжува со втората групна фаза.

Во групата 2 се актуелниот првак Норвешка и две селекции што играа во полуфиналето на претходните четири ЕП, Холандија (бронза ЕП 2018 и сребро ЕП 2016) и Данска (сребро ЕП 2022 и четврто место ЕП 2020).

Во првото коло ќе играат финалистите на ЕП 2022, Данска и Норвешка. Во однос на ЕП 2022, во втората фаза не се пласираа Хрватска и Шпанија, а нови се Полска и Швајцарија.

To top