Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ ќе мора да паузира еден натпревар во НБА, откако ја заработи 16. техничка грешка сезонава, што автоматски носи суспензија според правилата на лигата.
Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс нема да настапи на следниот дуел против Вашингтон Визардс, но ќе се врати во тимот за пресметката со Кливленд Кавалирс.
Дончиќ до новата техничка стигна на натпреварот против Бруклин Нетс, на кој одигра одлично и постигна 41 поен.
Иако претходно НБА му поништи една техничка и му овозможи да избегне суспензија, овојпат таква одлука немаше и паузата е неизбежна.
Словенецот во моментов е лидер во лигата по број на технички грешки, а со иста бројка од 16 се израмни и Дилон Брукс од Феникс Санс.