Ракометната играчка кариера на Кирил Лазаров се одвиваше во повеќе клубови. Македонската легенда тргна преку Овче Поле, Борец и Пелистер, а заврши во европскиот „крем“. Прв интернационален предизвик имаше во Загреб, па играше за Веспрем и пак се врати во Хрватска. Во 2010 година заврши во Шпанија, и по една сезона во Сиудад Реал прејде во Атлетико Мадрид.
Во интервјуто за српскиот сајт кое може да го прочитате во целост на следниот линк, Лазаров откри интересна приказна од неговата последна година во дресот на мадриѓани. Имено, тој добил повик и покана за кам-бек во Македонија, од Сергеј Самсоненко кој сакал да го доведе во Вардар. Сепак, десниот бек во тој момент веќе имал договор во тајност за трансферот во Барселона.
„Играв во Атлетико Мадрид кога ми се јави рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Тој само што почна да вложува во Вардар. Беше пролет, а јас веќе потпишав со Барселона. Тоа беше тајна, никој не знаеше. Самсоненко ми кажа дека ме сака во тимот, сака најдобриот македонски играч да биде дел од Вардар. Разговаравме во Скопје, направи сè за да бидам дел од тој проект.
Сепак, јас цел живот работев и чекав да играм за Барселона, навивав за тој клуб. Му кажав: „Благодарам, сè е супер, ама ова ми беше сонот“. Вардаровата понуда беше финансиски посилна од таа на Барса. Останав четири години во Каталонија. Нешто одвнатре ми кажуваше дека тоа е шанса која не смеам да ја пропуштам. Ми беше мило што ме повика, а подоцна немаше шанса за соработка, дојде Нант и Вардар почна полека да се распаќа. На крајот никогаш не заиграв за овој клуб“, откри Лазаров.
Во својата кариера Кирил Лазаров еднаш го крена трофејот во Лигата на шампионите, во сезоната 2014/15 со Барселона, двапати губеше во финале (со Сиудад Реал и Нант). Во 2017 година, среќата посака со Барса да претрпи полуфинален пораз од Вардар кој ден подоцна првпат стана европски првак.