Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, во опширно интервју кое може да го прочитате на следниов линк, зборува за новата улога во кариерата, за амбициозниот проект на Алкалоид, за македонската репрезентација, за својата кариера како играч, зошто никогаш не го облече дресот на Вардар…
Лазаров откри дека во еден дел од кариерата имал понуда да се пресели во Вардар, лично ја добил од Сергеј Самсоненко, одбил бидејќи веќе имал договор со Барселона.
„Играв во Атлетико Мадрид, кога ме повика рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Само што влезе во Вардар. Беше пролет, веќе имав потпишано за Барселона. Тоа беше тајна, никој не знаеше за тоа. Ми кажа дека ме сака во тимот, дека најдобриот македонски играч треба да биде во Вардар. Разговаравме во хотелот Палас. Тој направи се за да бидам дел од клубот и проектот. Цел живот чекав, работев напорно за да играм за Барселона, навивав за тој клуб. Реков: „Ти благодарам, сè е одлично, но ова е мојот сон“. А понудата на Вардар беше финансиски посилна. Останав четири години во Барселона. Нешто во мене ми зборуваше кажа дека Барселона е шанса што не треба да ја пропуштам. Ми беше драго што добив покана од Вардар. Подоцна немаше можност, дојде и Нант, Вардар почна да се распаѓа и така… Никогаш не го облеков дресот на Вардар“.
Вардар, во ерата на Самсоненко два пати ја освои Лигата на шампионите, во 2017 и 2019 година. Лазаров е восхитен од тој успех, но смета дека репрезентацијата не добила ништо од двете европски круни на Вардар.
„Му се восхитувам на Вардар на тоа што го направи, два пати беше шампион на Европа. Тоа го направи со странски играчи и јас го почитувам тоа. Тоа беше стратегија, се покажа дека е вистинската и му честитам за тоа. Мојата замерка за Вардар е зошто не работеше во исто време со помлади категории. Зошто во позадина немаше младински погон? Со други зборови, имаше втор тим, но не се работеше квалитетно. Само Стојанче Стоилов од домашните играчи беше таму кога се освојуваа титулите. Двете шампионски круни остануваат засекогаш запишани, се промовираше и Македонија, но репрезентацијата не доби ништо од тоа“.