Ракомет интервју

Кире Лазаров во интервју за КУРИР: На СП ќе се бориме да бидеме компетитивни со сите репрезентации кои ќе ни застанат на патот без разлика на името на противникот

Тешко е да се набројат сите трофеи кои ги има освои, сите индивидуални награди кои ги има добиено.

Кире Лазаров во интервју за КУРИР: На СП ќе се бориме да бидеме компетитивни со сите репрезентации кои ќе ни застанат на патот без разлика на името на противникот

Тешко е да се набројат сите трофеи кои ги има освоено, сите индивидуални награди кои ги има добиено.

Вистински спортски амбасадор и идол на младите генерации кои допрва доаѓаат во ракометот. Активно играше до 42 години и реши да се повлече.

Една страница е завршена, а другата ја започна и како селектор на македонската машка ракометна репрезентација и тренер на ракометниот клуб Алкалоид,амбициозниот клуб од Скопје кој веќе во своите витрини под негово водство веќе има два пехари – еден во Купот на Македонија и еден во Супер Купот. Тоа е Кирил Лазаров!

Го искориствиме неговото слободно време да поразговараме на неколку теми, на кои тој со задоволство ја прифати нашата покана.

Кире нашиот денешен разговор ќе го започнеме со она што го одбележа стартот на сезоната. Прво победа во Супер Купот над Еурофарм Пелистер, а потоа триумф во првото коло во Супер лигата над Вардар и тоа со уверлива игра од страна на Вашиот тим. Очекувавте ли вакво нешто од почетокот на сезоната?

Знаевме дека играме со два екстра квалитетни противници со огромен играчки квалитет , но и клубови со богата традиција. Работевме многу добро во текот на целото лето и тоа даде резултат. Да бидам искрен и реален не очекував две победи против противници како што се РК Вардар и РК Е.Пелистер. Најголема сатисфакција за мене како тренер е што успеавме до овој добар резултат на почетокот на сезоната со скоро сто проценти македонски играчи во тимот да издвојуваме победи против противници што имаат поголеми буџети, но и со многу етаблирани интернационалци во своите редови. Мотив огромен за да продолжиме да работиме квалитетно и да продолжиме да даваме шанси на наши македонски играчи да се развиваат во правец во кој заслужуваат.

Кога сме веќе кај Супер лигата и новата сезона ,какви се вашите очекувања и ваш коментар за квалитетот на лигата ?

Морам да кажам дека нашата машка ракометна Супер Лига од сезона во сезона станува се поквалитетна , имаме доста клубови што инвестираат и се развиваат. Нашиот спорт број 1 во државата го заслужува тоа. Квалитетна лига значи дека Македонија ќе има и квалитетен национален тим. Свесни сме дека конкуренцијата е голема и силна за висок пласман на крајот од сезоната, но ќе се бориме. Нашиот клуб секогаш имал амбиција да расте и да се развива во текот на својата кратка историја. Очекувам многу неизвесно првенство до самиот крај.

Како настана проектот РК Алкалоид?

Целта на основањето и настанувањето на РК Алкалоид е за доброто на македонскиот машки ракомет. Како што и реков шанса ќе добиваат наши млади македонски играчи кои што во нашата екипа имаат европски условиза раота и квалитетен тренажен процес за нивен правилен развој. Од овој проект најмногу добива Македонскиот спорт и пред се ракометот. Покрај првиот тим изминатите години мора да подсетиме дека РК Алкалоид беше апсолутен првак во сите младински категории – пионери, кадети и младинци. Направивме комплетен систем каде што македонските играчи од намјладите категории се едуцираат правилно за да имаат квалитетен развој. Да подсетам дека најмногу репрезентативци доаѓаат токму од тие млади категории на РК Алкалоид и РК Мулти Есенс. Како координатор на тие селекции се чувствувам многу гордо и исполнето по освојувањето на сите титули во тие младински категории.

Билансот на овој клуб под ваше водство во две сезони во македонскиот машки ракометен шампионат е Второ место во Супер лигата, куп титула и титула во ракометниот Супер Куп? Твоја оценка на сработеното досега.

Мислам дека се развиваме квалитетно .За краток период направивме и повеќе од предвиденото. Цврсто се држиме до нашата стратегија за македонски играчи.Работиме многу напорно и посветено.Имаме голем ризик од разочарување, бидејќи нашите конкуренти се силни и се со многу интернационалци. Се надевам дека во иднина Алкалоид ќе стане македонски и европки ракометен бренд. Господинот Живко Мукаетов направи и прави многу за македонскиот спорт, особено ракометот и сакам да ја искористам оваа можност да му се заблагодарам за се што има направено за ракометот во изминатите 10 години.

Ти фали ли активното играње ракомет и кога се реши да го прифатиш предизвикот наречен тренер ?

Мислам дека малку претерав со моето играње. Играв до 42-та година иако планот не беше таков.Нант некако ми легна и ми се погоди и едноставно во договор со клубот и навивачите, но и квалитетна редуцирана минутажа од моја страна во важни моменти на најважните натпревари на клубот. Успеавме со клубот да играме 2 пати Ф4 во Келн , каде со Нант и едно финале во ЛШ. Испишавме клупска историја. Како селектор се нафатив на огромен и тежок предизвик. Промена на една успешна генерација која направи многу за македонскиот ракомет и требаше да се подготви нова каде што Македонија не смееше да си дозволи да не биде на големата ракометна сцена или да пропушти првенство било тоа да е Европско или Светско. Мислам дека после многу препреки и потешкотии пополека, но сигурно ја створивме таа нова генерација и Маедонија може мирно да спие за нејзината ракометна иднина. Успеавме да се пласираме на две Европски Првенство и две Светски Првенства со нови момци каде што нивното најдобро време доаѓа. Последен голем предизвик за нив беше незгодната селекција на Фарски Острови која што елиминиравме во баражот за пласман на СП во ракомет.

Што може да очекуваме од Македонија на СП и Ваш коментар за групата во која се наоѓаме ?

Не очекува ракометниот Мундијал во јануари во Вараждин. Очекувам нашите навивачи да бидат нашиот осми играч , а кога се тие со нас тогаш и ни сме уште помотивирани и даваме се од себе кога играме. На шампионатот ќе се бориме да бидеме компетитивни со сите репрезентации кои ќе ни застанат на патот без разлика на името на противникот.

Дали Македонија има ракометна иднина која достојно ќе ја замени Вашата генерација кога настапувавте ?

Со квалитетна стратегија – ДА

Која победа или титула ви е најдрага во клупската кариера додека игравте и кој момент од репрезентацијата кој по убаво ќе го паметите ?

Европската титула со Барселона 2015 година и светските клупски титули со Атлетико Мадрид и Барселона. На репрезентативно ниво најдраги спомени ни се СП во Хрватска 2009 година каде бев најдобар стрелец на првенството, ЕП во Србија 2012 година каде исто така бев најдобар стрелец, па да не го заборавам СП 2017 година во Франција каде пак бев најдобар стрелец на првенството.

Кој пораз најтешко ви паднал во Вашата играчка кариера ?

– Клубски пораз во полуфиналето со Барселона на Ф4 од Фленсбург во 2014 година, а во репрезентацијата на Македонија од Тунис во квалификациите за пласман на ОИ во Рио. Да триумфиравме на тој меч , ќе се пласиравме на Олимпијадата во Риo.

Како играч во Вашата кариера кој тренер ви оставил впечаток со неговата работа и од кого би пресликале некои работи сега кога вие сте тренер и селектор ?

Имам повеќе – Лино Червар, Талант Дујшебаев,Чави Пасквал и Тиери Анти. Од секого од нив научив многу за ракометот.

Дали на Македонија и е потребна национална стратегија за спорт особено во младинските категории ,школскиот спорт каде од квантитетот ќе може да се извлече квалитетот ?

Македонија заостанува во доста многу други работи. Квалитетни луѓе и квалитетен кадар на вистински места. Во нашата држава не би се нафатил да работам со било кој. Би работел само со квалитетни ,постојани и лојални соработници. Мене како индивидуа не ми се допаѓаат многу работи како функционираат. Не сум песимист, но не сакам да бидам ни нереален оптимист.

Facebook / Ракометна Федерација на Македонија – официјална страница

И за крај на нашиот денешен разговор што е клучот или формулата за успехот на еден спортист и која е вашата порака кон новите генерации кои допрва доаѓаат и во Вас гледаат идол и спортист за пример ?

Формулата е многу едноставна. Да го работиш тоа што го сакаш и да се посветиш 100 проценти за да успееш.За да успееме во било што треба да направиме жртва. Само најупорните и најхрабрите успеваат. Нема поубава работа од професионалниот спорт. Мислам дека сме талентирана спортска нација , нација која го сака спортот и треба тоа максимално да го искористиме.

 

 

 

To top