Двократниот европски шампион Вардар, го потврди новото засилување во тимот. Станува збор за ракометар на бековската позиција, а тоа е Бразилецот Жоао Педро да Силва.
На Бразилецот примарната улога му е среден бек, а доаѓа од Војводина шест месеци порано од планираното.
Да Силва требаше да стане вардарец налето, меѓутоа промените наложија реакција пред зимската пауза, па Бразилецот уште во јануари ќе ја задолжи црвено-црната опрема на Вардар.
Средниот бек на Војводина може да покрие и лево и десно, па тоа ќе му биде од огромна помош на тренерот Иван Чупиќ пред клучните битки напролет во Суперлигата, како и во главната фаза на Европската лига.
Според информациите од Вардар, бразилскиот бек ќе стави потпис на две ипол годишен договор. Се очекува Да Силва да пристигне во Скопје во јануари, да го потпише договорот и да му се стави на располагање на тренерот Чупиќ по зимската пауза на стартот на подготовките.
Бразилецот висок е 190 сантиметри, а зад себе има добра биографија во европскиот ракомет. Покрај за српскиот тим, настапуваше и за Динамо Букурешт, Бенфика, Шамбери, како и шпански Адемар Леон и Анхел Хименез.