Ракомет

Чупиќ: Во Вардар треба да се освои секој трофеј, а секој пораз е – трагедија!

Чупиќ: Во Вардар треба да се освои секој трофеј, а секој пораз е – трагедија!

Ракометарите на Вардар 1961 ќе играат за заверка на првото место во групата Ф во Европската лига на ЕХФ, а за тоа им е потребна победа над Тулуз во последното коло. Средбата се игра во Скопје, вардарци немаат никаков резултатски императив, ама со сигурност сакаат победа.

На прес-конференцијата пред натпреварот своите очекувања ги сподели тренерот на „црвено-црните“ Иван Чупиќ.

„Имаме добра седмица зад нас, две важни победи во Европската лига и домашното првенство со Охрид. Сега ни доаѓа Тулуз кој нема натпреварувачки предизвик. Играме дома, се подготвивме добро и сакаме да останеме непоразени. Уште еднаш да им покажеме на навивачите како Вардар 1961 сака да го игра секој натпревар. Секогаш кога ги браниме овие бои мора да оставиме срце на терен и да одиме на победа.

Разговарав многу со моите играчи, ги гледам како тренираат и даваат 300% во секоја секунда. Како тренер тоа ми дава доверба во тимот. Кога сте дел од клуб како Вардар, нема неважен натпревар. Ниту пријателските не беа важни, ама не ни беше лесно кога губевме. Моето размислување е дека секој меч пред нашите најдобри навивачи на свет мора да одиграме на ниво, да го почитуваме противникот и себе. Треба да испратиме порака како Вардар 1961 треба да изгледа. Секој натпревар и тренинг е потребен за подобрување како тим. Ние сме Вардар, имаме своја приказна и тим, ама мора да бидеме и понизни да го почитуваме противникот и спортот. Сите знаеме што е карма, а не сакам овој клуб да трпи било каква карма. Уште од играчките денови секогаш гледав да бидам респектабилен. Амбициите на Вардар 1961 секогаш се исти, секој трофеј треба да се освои, секој натпревар да се добие, а секој пораз е трагедија, депресија и проблем. Во вакви клубови секогаш амбициите се највисоки. Секогаш гледаме кон трофеите, целта секогаш е „фајнал-фор“ без разлика дали играме во Лигата на шампионите или Европската лига“, изјави Хрватот.

To top