На ден пред натпреварот помеѓу РК Вардар и ФК Бенфика на официјалната прес-конференција се обрати тренерот на тимот Иван Чупиќ.
„Две работи се во игра, првата е дека играме дома и се надеваме дека ќе ја наполниме салата и ќе имаме убава вечер. Се надевам дека оставивме добра слика, а ќе запишеме победа и ќе ја исполниме целта да ја минеме главната фаза. Втората работа е, како тим по првата лоша презентација на цел тим, сега мора да одиграме реванш и да го покажеме вистинското лице. Да се покажеме во пдообро лице од првиот натпревар во Лисабон. Треба да имаме повеќе мотивација за овој натпревар, бидејќи Бенфика е еден од ретките тимови кои успеаја да не победат. Треба да имаме чувство дека сме останале должни кон нашиот клуб, нашите навивачи и на луѓето кои ќе дојдат во сала да заминат со убаво чувство.
Главната цел на Вардар е титула секоја година, па така и сега. Разликата од лани и претходно што не освоија не значи дека целите не беа исти. Секогаш гледаме кон повисоко ниво, целта е повисока кон сите титули. Нема да калкулираме со ништо, не дека имаме самодоверба и мислиме дека сме најдобри. Од моја перспективна е многу лесно, сакаме да играме во ЛШ, да се бориме со најдобрите во Европа, а тоа значи секои два-три дена натпревар. Тоа мора да го навикнеме, такво е нивото. Не не интересира што беше во саботата, утре е Бенфика. Живееме во сегашноста, а тоа е само Бенфика. Утре имаме една цел, да ја добиеме Бенфика и да се покажеме во подобро светло од првиот меч. Играме со добра екипа со ист тренер неколку години. Играат дефанзивно и офанзивно многу добро, па со победа би имале повеќе шанса повеќе за следниот вторник.
Не гледаме кон Мелсунген и последното коло во моментов, туку само кон утрешната средба. Ако не ја добиеме Бенфика утре, ние не дека ќе размислуваме за четвртфинале, туку ќе се плашиме и за осминафинале. Така што, утре за нас е „живот или смрт“. Јас не ги гледам само имињата, гледам поинаку. Ако си меѓу десет, дванаесет во ЕЛ, само на хартија може да изгледа еден противник полесно од другиот. Ако ја поминеме оваа група, пак играме две финалиња без разлика дали во осминафинале или четвртфинале. Немаме луксуз да бираме, во оваа Европска лига особено главната фаза, не можеш да гледаш со потценување кон ниту еден тим. Ние мора да бидеме „300% на час“, па кој ќе ни дојде, нека дојде.
Нашата цел секако е титулата во јуни, меѓутоа треба да уживаме во секој ден, да работиме добро и на секој натпревар да се игра под ултиматум да се победи. Така пораснав и така играв, а сакам така да игра и мојот тим“, смета тренерот на Вардар.
Меѓу другото, хрватскиот стратег се осврна и на повредениот Јака Малус. Словенечкиот бек не тренирал вчера, а ќе биде поштеден и денес.
„Јака Малус вчера не тренираше со нас, имаше прегледи. Денес исто нема да тренира, а ќе видиме утре дали може да биде дел од тимот за утрешната средба. Останатите сите се здрави и тренираат. Со Јака или без него, за утре имам тешка задача да тргнам шест играчи од тимот. Како и да е, мора да најдеме лек, нешто повеќе од себе за да ја добиеме Бенфика“, изјави Чупиќ.
Двократниот европски првак ќе ја дочека Бенфика во вторник во терминот од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“. Одново како и со Мелсунген се очекува одлично пополнети трибини во скопската сала.