Дуелот со шпанскиот тим ќе биде шестиот меч за Алкалоид во групната фаза на ЕХФ Европската лига сезонава.
– Освоивме еден бод, на гостински терен и тоа токму против противникот со кој во вторник одново ќе ги одмериме силите. БМ Логроњо Ла Риоха е сериозна екипа која со години по ред ја претставува Шпанија на европската сцена. Земја која е една од најсилните во Европа и редовен освојувач на медали на големата сцена. Оваа екипа ја подигна својата форма од нашата последна пресметка и од тој момент има запишано пет победи од кои четири се во шпанскиот шампионат и еден гостински над РК Војводина во Нови Сад. Двата пораза им се на домашен терен од РК Војводина и во последното коло, минимален пораз од Бјерингбро Силкеборг. Овие резултати покажуваат не само дека ја подобриле својата форма, туку и дека подобро играат на гостински терен што ги прави дополнително опасни за следниот натпревар, објави РК Алкалоид на клупскиот сајт.
Токму против Ла Риоха, Алкалоид го одигра својот најдобар натпревар и го освои првиот европски бод, но екипата е мотивирана и посакува и прва победа на европската сцена за крај на дебитантската сезона во ЕХФ Европската лига.
Натпреварот ќе се игра во вторник во салата „Јане Сандански“ во Скопје со почеток од 18:45 часот. Билети за натпреварот, по цена од 100 и 150 денари можат да се набават преку продажната мрежа на „МК Тикетс“.