Купот на Македонија ќе добие нов владетел. Актуелниот првак Вардар 1961 во драматичен финиш загуби од Алкалоид (25-24) и така тимот на Кирил Лазаров ќе игра историско финале во второто натпреварување во нашата земја.
Дуелот меѓу двете екипи од Скопје беше крајно изедначен и драматичен. Уште од почетокот се најави таков епилог, затоа што Алкалоид и Вардар 1961 беа резултатски близу. На стартот плус од два гола имаше Вардар (4-6), потоа иницијативата ја презеде Алкалоид (10-9).
Одличен на голот беше Мартин Томовски кој го чуваше Вардар за време на серијата и водството, а главна фигура во нападот на црвено-црните беше јапонскиот среден бек Косуке Јасихура кој како главен разигрувач делеше асистенции и отвораше простор за головите.
На полувремето Алкалоид имаше позитива од два гола (15-13) која дојде со одличен напад на бековите Серафимов и Бинго, но тимот тргна лошо во второто полувреме. Неколку технички грешки и загубени топки, како и нереализирани зицери еден на еден со голманот Томовски, направија Вардар во 37. минута да има 15-16.
По израмнување на Алкалоид преку Симоноски на 16-16, Вардар се обиде со напад „седум на шест“, но не реализира, па Трајкоски го проигра Бинго кој на празен гол го сврти мечот (17-16). Потоа беше 19-19, а Алкалоид врза два гола и поведе со 21-19. Завладеа и нервоза на теренот, по едно исклучување на Јагуриновски од Вардар.
Плусот од два гола стоеше на семафорот и на осум минути пред крајот (24-22), драмата продолжи и во следниот дел од мечот, затоа што Алкалоид имаше 25-24 на минута пред крајот. Алкалоид последниот напад го играше до пасив, но Томовски го фати шутот на Серафимов и Вардар доби шанса за реми и по тајм-аут тргна со седум на шест, изнуди седмерец во последна секунда кој го изведе Срдановиќ, а Галевски го фати.
Финалето од Купот на Македонија е закажано во недела од 19:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“.