Светскиот шампион Макс Верстапен објасни дека промената на поставките на неговиот болид за квалификациите за Големата награда на Азербејџан довела до потскокнување на патеката во Баку и оттука понизок резултат од очекуваниот.
Верстапен заврши на 6-то место во квалификациите, со 0,658 секунди заостанување од првопласираниот Шарл Леклер, и во ниту еден момент не беше сериозен кандидат за пол-позиција.
Исто така, за прв пат во 33 трки од минатогодишното Гран При на Мајами, тимскиот колега на Макс Серхио Перез заврши пред него во квалификациите – 4-ти.
– Во моментот кога излегов на патеката за првиот дел од квалификациите почувствував дека направивме чекор назад во болидот. Направивме некои промени и однесувањето на мојот болид стана непредвидливо и стана тешко за возење. При вртење и излегување од кривините, задниот дел почна да отскокнува. Во вториот дел се претставивме релативно добро, но не можев се да извадам од болидот. Имав премногу надуправување, а тоа не е добро за улична патека, истакна пилотот.
Сепак, Верстапен објасни дека во споредба со Монца, Ред Бул има напредок и болидот не е тоа „чудовиште“ од Италијанското ГП. Но, тој призна дека бил песимист во врска со прекинот на неговата серија од шест трки без победа пред настапот на РБ20 во Баку.