Српскиот џудист Немања Мајдов е казнет со петмесечна суспензија од страна на Меѓународната Џудо Федерација (ИЈФ), поради кршење на нивните религиозни правила.
Мајдов е суспендиран на пет месеци затоа што се прекрстил пред излегувањето пред настапот на ОИ во Париз, што според ИЈФ е грубо прекршување на правилото за забрането користење на било какви верски, политички или комерцијални манифестации на теренот за борба.
Мајдов два пати бил предупреден за прекршувањето на ова правило, во 2018 и во 2022 година, за овојпат тој да биде суспендиран од страна на меѓународната федерација.
„Забранет ми е настап на сите турнири, кампови и подготовки. Точно е, во одбранбеното писмо не сакав да се извинам што се прекрстив, стојам зад таа одлука, иако не знаев каква казна би можел да добијам. Бог ми има дадено се, како во приватниот живот така и во кариерата, тој е за мене на првото место и се гордам со тоа, никогаш нема да се променам на оваа тема. На ова што ми се случи гледам како на ново животно искушение, жал ми е што толку убав спорт како џудо доведува до вакви неразбирливи ситуации“, објави српскиот џудист на својот фејсбук профил.