Министерот за спорт, Борко Ристовски во интервју за Спорт1 изјави дека парите од спортскиот ваучер најрано во септември ќе бидат исплатени.
Ристовски ја обвинува претходната власт за неисплатата на спортските ваучери поради тоа што пари за спортистите воопшто не биле предвидени во буџетот за 2024 година.
„Прво морам да ја нагласам негрижата на претходната Влада за спортот потврдена со самиот факт што парите за спортистите воопшто не биле предвидени во буџетот. Со ребалансот на буџетот обезбедивме 550 милиони денари или околу девет милиони евра, што е можеби еден милион помалку од предвиденото поради големиот недостаток на средства општо во држатата. Но, тоа не треба да ги загрижува спортистите бидејќи ние ќе сториме се таа ‘дупка’ да биде пополнета со дополнителни пари од други извори, кои во следниот период би легнале на нивните сметки. Сега чекаме ребалансот официјално да заврши во август, при што веднаш ќе почнеме со процедурата, која поради итноста верувам дека ќе ја скратиме од 90 дена на најмал можен период во кој ќе може да се завршат сите чекори. Верувам дека веќе во септември спортистите ќе ги добијат парите кои им се неопходни за нормално функционирање“, изјави Ристовски.
Исплатата на ваучерите наместо преку сметка на фирма, парите од ваучерот клубовите и индивидуалните спортисти ќе ги добиваат директно од Министерството за спорт.
Во тек е и судењето против 12 лица кои се сомничат за злоупотреба на спортските ваучери. Меѓу обвинетите се поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и Дарко Каевски, и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски. Обвинети се и Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.