Принцезата од Велс, Кетрин (Кејт) Мидлтон редовно го посетува Тенискиот турнир Вимблдон и учествува во доделувањето трофеи на победниците. Вимблдон почнува на 1 јули, а иако Кејт се држи подалеку од очите на јавноста по нејзината дијагноза на рак, организаторите на турнирот се надеваат дека принцезата и оваа година ќе ја продолжи традицијата на доделувањето на трофеите.
Претседателката на Клубот „Ол Ингланд“ што го организира турнирот, Деби Џеванс за „Телеграф спорт“ изјави дека ќе ѝ дадат „што е можно поголема флексибилност“ на принцезата од Велс.
– Се надеваме дека принцезата од Велс ќе може да ги предаде трофеите како покровителка на клубот, но во мигов, нејзиното здравје и закрепнувањето се најважни. Сè уште не знаеме ништо. Сè што велиме е дека ќе работиме со неа, ќе ѝ дадеме колку што е можно повеќе флексибилност. Не знам ниту кој би ги доделувал трофеите како замена. Остануваме флексибилни, изјави Џеванс.
Кејт Мидлтон е љубителка на тенис, па како таква е и покровителка на „Ол Ингланд“ клубот за тенис на трева и крикет. Меѓутоа, откако ѝ е дијагностициран рак, таа е надвор од службените обврски.