Руските спортисти на претстојните Зимски олимписки игри (ЗОИ) во Милано-Кортина нема да можат да ја претставуваат својата земја дури и ако се постигне мировен договор со Украина, најави денеска претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Кирсти Ковентри, во изјава за италијанските медиуми.
„Во оваа фаза, ништо нема да ја промени одлуката на Комитетот да им дозволи на руските спортисти да учествуваат на Игрите во февруари само како поединци кои се претставуваат себеси“, наведе Ковентри во денешното интервју за весникот „Кориере дела Сера“.
ИОК им забрани на Русија и Белорусија да учествуваат на олимписките борилишта по почетокот на руската инвазија а Украина во февруари 2022 година, а раководното тело на олимпиското движење во септември лани пресуди дека Русите и Белорусите кои ќе се натпреваруваат на ЗОИ 2026 ќе го сторат тоа како индивидуални спортисти, без национално знаме или химна.
ЗОИ 2026 во Милано-Кортина ќе се одржат од 6 до 22 февруари.