Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ предвреме го заврши своето учество на егзибицискиот турнир „Слем на шесте кралеви“ во Ријад поради физички замор, откако го предаде мечот против Американецот Тејлор Фриц во борбата за третото место.
Дуелот започна рамноправно, со голема борба во секој гем и без ниту еден направен брејк во првиот сет. И двајцата тенисери покажаа висок интензитет и одличен сервис, што доведе до тај-брејк. Во дополнителната игра подобар беше Фриц, кој со резултат 7-4 го освои првиот сет по 75 минути борба.
По завршувањето на сетот, Ѓоковиќ одлучи да не продолжи со натпреварот, образложувајќи дека чувствува голем замор и дека не сака да ризикува евентуална повреда.
Турнирот во главниот град на Саудиска Арабија претставува дел од новиот циклус егзибициски настани што имаат цел да промовираат врвен тенис на Блискиот Исток.
За разлика од класичните АТП турнири, овој формат е пријателски, но привлече големо внимание поради учеството на најдобрите светски тенисери.
Во големото финале, љубителите на тенисот ќе имаат можност да уживаат во новиот дуел помеѓу Италијанецот Јаник Синер и Шпанецот Карлос Алкараз.