Ландо Норис го запиша најголемиот успех во својата дотогашна кариера, крунисувајќи се за светски шампион во Формула 1 за сезоната 2025.
Британскиот возач успеа да го постигне тоа со третото место на последната трка во календарот, Гран при на Абу Даби, на патеката „Јас Марина“, со што обезбеди доволен број бодови за да ја освои титулата во една од најтензионите и најизедначени сезони во последната деценија.
Во трката што ја заокружи сезоната, победата ја запиша Макс Верстапен, додека втор заврши Оскар Пјастри, двајцата директни ривали на Норис во борбата за шампионатот. Тројцата влегоа во финалниот викенд разделени со само 13 бодови, што дополнително ја нагласува извонредната неизвесност која го следеше ова првенство од почеток до крај. По поминувањето низ целната линија и официјалното потврдување на титулата, Норис не ја сокри емоцијата и искрено проговори.
„Не сум плачел одамна. Не мислев дека ќе плачам, но го направив тоа – рече веднаш по финишот новиот шампион. – Беше долго патување. Најпрво сакам да им се заблагодарам на моите луѓе, на Мекларен, на моите родители, тие ме поддржуваат уште од самиот почеток.“
Норис истакна дека пресметките со Верстапен и Пијастри низ целата сезона биле исцрпувачки, но воедно и мотивирачки.
„Чувството е неверојатно. Сега знам како се чувствува Макс, барем малку. Сакам да им честитам на Макс и на Оскар, моите двајца најголеми конкуренти во текот на целата сезона. Беше задоволство да се натпреварувам со нив. Беше чест, научив многу од двајцата. Уживам, беше долга година. Тоа го направивме, многу сум горд на сите“, рече Норис пред да го коментира и денешното тркање во Абу Даби.