Во вкупниот впечаток за настапот на македонските одбојкари во Европската златна лига ќе влезе и поединечното рангирање на двајца наши одбојкари на врвот на листите.
Никола Ѓорѓиев освои 138 поени на шесте натпревари и е најдобар поентер во лигашкиот сегмент, а македонскиот капитен е и прв напаѓач со 126 поени од акција не сметајќи ги блоковите и асовите. Зад него останаа хрватскиот коректор Петар Џирлиќ и белгискиот Рехерс што зборува доволно за остварувањето на Ѓорѓиев.
Задоволство има и за поредокот кај средните блокери затоа што Филип Савовски е на чело на листата на којашто се одбојкарите на оваа позиција според вкупниот број освоени поени. Тој има 62, два повеќе од играчот на Трентино, Белгиецот Де Хер. Савовски оствари 20 блока исто како и Јакопец од Хрватска, со напомена дека Хрватот има подобар просек во сет во втората децимала, па во оваа статистичка категорија нашиот блокер е втор во најсилното годишно натпреварување на ЦЕВ
Со биланс од една победа и пет порази, но со освоени два сета, односно по еден бод протиг Белгија и против Хрватска на гости, Македонија заврши 10-та, на една позиција повисоко од лани кога имаше два триумфа на домашен терен против истите противници.
Со оглед дека сега во составот не беа Деспотовски и Љафтов, а црвено-жолтите се сретнаа со три учесници на завршниот турнир во Осиек (Хрватска, Чешка и Естонија), играта на нашата репрезентација беше на ниво кое што ветува успех во августовските квалификации за ЕП 2026-та.
На гости кај Грузија и против Грција дома, според прикажаното во Европската златна лига, а сега со целиот кадровски потенцијал, Македонија има реални шани да биде дел од континентален собир четврти пат по ред.