Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, кој беше елиминиран од Новак Ѓоковиќ во второто коло на олимпискиот турнир, изјави дека ќе одлучува за својата тениска иднина по Олимписките игри (ОИ) во Париз.
Кога ќе заврши овој турнир, ќе ги донесам потребните одлуки, пред сè врз основа на моите желби и чувства – изјави 38-годишниот Шпанец, кој 14 пати го освојуваше Ролан Гарос.
Потоа тој се осврна на дуелот со Ѓоковиќ:
Не можев да го ставам во тешка позиција, не можев да упатувам доволно добри удари, немав доволно добри движења. Речиси цело време имаше удобна позиција и играше многу добро. Речиси е невозможно да се игра со Новак без нозете што ги имав пред 20 години. Морам да играм многу подобро за да му направам проблеми. Не успеав денес. Тој играше многу подобро од мене. Беше многу подобар од почетокот до крајот. Во одреден момент реагирав добро, но не беше доволно тоа. Му честитам!