Шпанецот Рафаел Надал го заврши настапот на Олимписките игри во Париз откако вечерва заедно со сонародникот Карлос Алкараз претрпеа пораз во четвртфиналето во машки двојки од американските тенисери Остин Крајчек и Раџив Рам.
Американската двојка се пласираше во полуфиналето со победа од 2-0 во сетови (6-2, 6-4).
Дуелот на централниот терен „Филип Шатрие“ траеше еден час и 39 минути.
Крајчек и Рам за противници во полуфиналето ќе ја имаат чешката двојка Томас Мацхач и Адам Павлашек.
Надал во поединечна конкуренција беше елиминиран во второто коло од Србинот Новак Ѓоковиќ, додека Алкараз во утрешното четвртфинале ќе игра против американскиот тенисер Томи Пол.