Министерот за спорт Борко Ристовски денеска ги прими членовите на македонската репрезентација во џиу џицу, кои се вратија од Балканското првенство во Романија со извонреден успех.
Македонските натпреварувачи освоија три медали – злато, сребро и бронза, достојно претставувајќи ја Македонија на меѓународна сцена.
Министерот Ристовски им честиташе на спортистите за нивната посветеност и пожртвуваност, истакнувајќи дека нивниот успех е пример и промоција на вистинските вредности во спортот.
-Честитки за успехот и за сѐ она што го прават овие млади спортисти за промоција на нивниот спорт и за промоција на Македонија на домашна и на меѓународна сцена. Мене секогаш ми е чест и задоволство да се сретнам со млади луѓе кои растат, функционираат и промовираат вистински вредности во спортот и во животот и тие секогаш ќе ја имаат мојата поддршка – истакна министерот Борко Ристовски.
Најсјајното одличје од Балканското првенство во Романија го донесе Катерина Ацевска која стана балканска шампионка во џиу-џицу за сениорки. Ацевска го освои златниот медал со две ефектни победи со ипон. Антонио Стојчески од Балканското првенство во Романија се врати со сребрен медал во У18 – категорија до 68 кг, а Данил Николиски освои бронза во У21 -категорија до 56 кг.
Одлични борби прикажа и Зоран Колевски во У18 – категорија до 62 кг и заврши на 9.место.
Селекторот на македонската репрезентација, Александар Ацевски изрази задоволство од резултатите што ги постигнаа неговите избраници на ова Балканско првенство. Следен голем предизвик за македонските репрезентативци во џиу џицу ќе биде настапот на Светското првенство во Крит што почнува на 28 октомври годинава.