Останати спортови

Меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ сега и во Македонија

Меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ сега и во Македонија

Меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ (Youth Sports Games) пристигнува во Македонија! Во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за спорт, Борко Ристовски и високи претставници од политичката и бизнис заедницата, како и меѓународни претставници и истакнати спортски легенди, заштитни лица на Игрите, на 27 февруари во Владата на Република Македонија ќе биде официјално потпишан договорот со кои Македонија се приклучува на оваа голема меѓународна платформа, со која започнува ново поглавје за младинскиот спорт во земјата.

Под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија и други важни организации, Плазма Спортските игри за млади нудат платформа каде младите можат да се натпреваруваат во десет различни спортови и да го доживеат спортот во безбедна и охрабрувачка средина, учејќи за важноста на физичката активност, соработката и фер-плејот.

Договорот ќе го потпишат Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови на Македонија и Здравко Мариќ, претседател на Плазма Спортските игри за млади. Со оваа соработка помеѓу националните партнери и меѓународната платформа се отвора можност над илјада деца од различни општини во Македонија да учествуваат во организирани и инклузивни спортски натпревари преку кои се промовираат фер-плеј вредностите, здравиот начин на живот, инклузија и пријателство меѓу младите.

„Спортски игри за млади“ ќе опфатат натпревари во 10 спортски дисциплини (мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика – трки на 60 метри и граница) за момчиња и девојчиња. Тие ќе се одржуваат во април, мај и јуни 2026 година преку 18 спортски денови во кои ќе бидат вклучени училиштата и локалните заедници низ целата држава, со поддршка од националните спортски федерации. Најдобрите поединци и екипи од државните натпревари во Македонија ќе патуваат на Меѓународната завршница на Игрите во Сплит, каде што неколку дена ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите што се вклучени во проектот.

Македонија со пристапувањето кон оваа меѓународна платформа им се приклучува на Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина, кои веќе ги имаат имплементирано Игрите. Истовремено, Македонија, креира и сопствена национална платформа со акцент на младите, како и засилување на соработката на училиштата, општините, националните спортски федерации и бизнис-заедницата како во домашни рамки, така и на регионалната спортска сцена.

To top