Останати спортови

Македонските одбојкари вечерва против Чешка во Европската златна лига

Македонските одбојкари вечерва против Чешка во Европската златна лига

Поразот од Естонија во петокот веќе е зад македонските одбојкари. Насочени се кон следниот предизвик, Чешка, во натпреварот кој ќе се одигра вечерва во рамки на Европската златна лига.

-Имавме доста осцилации на приемот и грешевме на сервис против Естонија. Се надевам дека денеска ќе го поправиме тоа против Чешка и со тие два елемента ќе имаме добра игра и позитивен резултат, оптимистички размислува македонскиот среден блокер Филип Савовски.

Ние освоивме сет против Естонија, а Чесите со чисти 3:0 се радуваа против истиот протвник, па ако се анализира од тој аспект, јасно е какви се почетните позиции пред денешниот прв сервис. Но не мора, а и никогаш не е така едноставно.

-Ова е познат противник за нас. Тоа е репрезентација со стил на игра којшто не ни одговара, но ќе се обидеме да го дадеме нашиот максимум во овој момент и да извлечеме што подобар резултат. За разлика од минатата година кога игравме со нив, во составот има неколку промени, но тоа не значи дека можеме да се опуштиме, ниту пак да ги прецениме. Со желба и со мотивација, може да играме со нив, убеден е македонскиот примач Владо Милев.

Кај Чешка се само четворица одбојкари од ланската пресметка со нас на Еврпското првенство во Скопје, предводени од примачот Вашина, а во првиот тим против Естонија беше само уште блокерот Зајичек. Но селекторот Јиржи Новак има силен тим, којшто го покажа квалитетот со два пресврта во првиот и во вториот сет против Естонците.

Сепак, на Македонија и останува да игра за посакувано ниво за августовските квалификации за Европското првенство во 2026-та.  Во таа насока има доста време, затоа што по овој турнир, црвено-жолтите ќе одиграат уште четири меча со исклучително квалитетни репрезентации во Европската златна лига.

To top