Ига Швјонтек од Полска втор пат во низа е прогласена за „Тенисерка на годината“ во изборот на ВТА Тур, додека првиот човек во нејзиниот стручен штаб Томаш Викторовски е избран за најдобар тренер во 2023 година, објави денеска Женското тениско здружение (ВТА).
Швјонтек е прва тенисерка по Американката Серена Вилијамс која успеа да ја освои оваа награда две години по ред.
Легендарната Серена Вилијамс беше избрана за најдобра тенисерка вкупно седум пати, а од тоа четири пати во низа, од 2012 до 2015 година.
Полската тенисерка во 2023 година освои рекордни шест трофеи, одбранувајќи ја титулата на Ролан Гарос, а со премиерниот триумф во ВТА финалето успеа втора година по ред да ја заврши сезоната првопласирана на ВТА ранг-листата.