Грчката атлетичкара Елени – Клаудија Полак е привремено суспендирана откако била позитивна на допинг-тестот извршен за време на Олимписките Игри во Париз.
Таа во понеделникот се натпреваруваше во квалификациите во скок со стап, но не успеа да ја прескокне нормата од 4,40 метри и не се пласираше во финалето. За разочарувањето да биде уште поголемо, допинг-тестот што требаше да биде само рутина на крајот излезе позитивен, по што Полак заработи суспензија се до целосно расветлување на случајот.
Елени категорично негирала дека е виновна за користење на забранети супстанци. Таа во објаснувањето навела дека имала проблеми со железо во крвта поради што во последните денови интензивно јадела црвено месо. Грчката атлетичарка верува дека тоа го предизвикало проблемот, но дополнително ќе се истражува целиот случај.
Ова е четврти позитивен допинг-тест на ОИ во Париз, по џудистот Сајад Сехен од Ирак, џудистот Мохамад Самим Фајзад од Авганистан и боксерката Синтија Огунсемилор од Нигерија.