На последната трка од годинешното Светско првенство во класата Формула 1, на трката за Големата награда на Абу Даби в недела прв ќе стартува светскиот шампион Макс Верстапен.
Холанѓанецот во својот болид Ред Бул уште еднаш доминираше во текот на квалификациите и ја постигна 12-та „пол-позиција“ оваа сезона, односно веќе 32-та во кариерата. Така се израмни со легендарниот Најџел Менсел во оваа статистичка категорија на седмото место.
Монегашкиот пилот Шарл Леклер со болидот на Ферари, го постави второто најбрзо време пред неделната трка, трет беше Австралиецот Оскар Пјастри во Мекларен, а четврти Британецот Џорџ Расел во Мерцедес.
Киксираа во текот на квалификациите Луис Хамилтон, кој заврши 11-ти, додека Карлос Саинц заврши на 16-то место.
Неделната трка започнува во 14 часот по средноевропско време, а Макс Верстапен е убедливо прв во генералниот пласман кај возачите за Светското првенство со 549 бодови и одамна ја обезбеди новата титула светски првак.
Далеку зад него се неговиот тимски колега Серхио Перез со 273 поени, Луис Хамилтон во Мерцедес со 232 поени и двајца Шпанци, Карлос Саинц во Ферари и Фернандо Алонсо во Астон Мартин, кои имаат по 200 поени.