Шест каратистки од Дебар денеска постигнаа одлични резултати на Купот на Македонија што се одржа во Охрид, со што се здобија со право да учествуваат на балкански шампионат.
– Денеска во Охрид се одржа Купот на Македонија, кој имаше селекторски карактер за Светското првенство во Венеција, Италија и Балканското првенство во Сараево, Босна и Херцеговина. Карате клубот „Дибра“ се претстави со осум натпреварувачи, од кои шест се пласираа на балканското првенство, додека следната недела ќе се натпреваруваме во плеј-офот каде ќе се изберат најдобрите кои ќе патуваат на Светското првенство, објави Дурим Пачуку, тренер на КК „Дибра“, воедно тренер на македонската карате репрезентација.
Додава дека Ера Коџа и Блина Горенца се закитија со златен медал, Сара Дука и Буна Сеља со сребрен, додека бронза освоиле Гента Сеља и Влера Сеља.
– Сакам да му се заблагодарам на градоначалникот на општината Хекуран Дука, кој преку проектот за поддршка на спортските клубови ни овозможи да ги покриеме сите трошоци. Благодарност до „Unik Turs“ кој е со нас секогаш, посочува Пачуку.