Машката професионална тениска федерација (АТП) објави нови правила за сезоната 2026 за да ги заштити играчите од растечкиот проблем со екстремната топлина на турнирите.
Главната промена е воведувањето на десетминутни паузи за време на натпреварите, мерка што е во сила на женската професионална организација (ВТА) повеќе од три децении, а доаѓа како одговор на бројни поплаки и здравствени проблеми од играчи како Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер, пишува „Скај Спортс.“
Одлуката на Управниот одбор на АТП следеше по драматичните сцени на турнирите, особено на Мастерсот во Шангај во октомври, кога бројни играчи повикаа на воведување упатства за играње во екстремна топлина и влажност. Во тоа време, бранителот на титулата Јаник Синер беше принуден да се повлече поради силни грчеви во нозете, додека 24-кратниот освојувач на грен слем турнирите Новак Ѓоковиќ се пожали на условите, откако повраќаше за време на еден натпревар.
„Брутално е кога имате над 80 проценти влажност ден за ден“, рече Ѓоковиќ во тоа време, „особено за момците кога играат преку ден на топлина, на сонце“. Проблемите не им избегаа на другите. Младата ѕвезда во подем, Теренс Атман, го предаде својот натпревар во првото коло во Шангај по само осум одиграни гема.
„По првиот поен од натпреварот, двете раце ми трепереа“, напиша 23-годишниот Атман на Инстаграм. „По вториот гем и удобното водство од 2-0, веднаш почувствував како целото тело ми се тресе и се задушувам по секој поен. Топлинскиот стрес со кој се соочив можеше да биде полош од тоа да бидам во несвест еден час и само да имам забрзан пулс.“