Македонскиот олимписки комитет (МОК) доби престижен и светски признаен сертификат од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) како одговорна организација што применува практики и принципи на добро владеење.
Овој значаен сертификат МОК го доби по претходна евалуација од страна на ИОК на сите досегашни реализирани проекти, како и по позитивниот извештај за работењето на Македонскиот олимписки комитет изработен од реномираната ревизорска организација Price Waterhouse Cooper.
Претседателот на ИОК, Томас Бах, лично му го врачи сертификатот на претседателот на МОК, Даниел Димевски, на средба во седиштето на ИОК.
По тој повод, седиштето на Меѓународниот олимписки комитет беше во боите на македонското знаме, со што големиот пријател на македонските олимпијци, претседателот Бах, уште еднаш ја покажа својата силна поддршка за спортот во земјава и организациите кои го шират олимпискиот дух.