Најдобриот македонски кошаркар, Ненад Димитријевиќ, е на чекор до напуштање на Зенит Санкт Петербург и преселба во Германија. Според достапните информации, плејмејкерот веќе побарал раскин на договорот со рускиот клуб за да ја прифати понудата од Баерн Минхен.
Главниот мотив за овој трансфер е желбата на Димитријевиќ повторно да настапува во Евролигата, најсилното клупско натпреварување на стариот континент.
Руските тимови, вклучувајќи го и Зенит, се суспендирани од европските купови, што го ограничува професионалниот развој на играчите кои се натпреваруваат исклучиво во ВТБ лигата.
Соработката со тренер од калибарот на Пешиќ би можела значително да ја унапреди кариерата на 27-годишниот македонски репрезентативец и да му овозможи стабилна минутажа во елитното друштво.