Кошаркарската репрезентација на Македонија триумфираше на гостувањето против Полска со 96:71 и останува во трката за евентуален пласман во завршницата на Европското првенство.
“Двете екипи влегоа со голем респект, особено по поразите во стартното коло. Знаевме дека играме против еден голем, против еден одличен тим како што е Полска. Можеби ризикувавме со шутот од далечина, како на пример со Балцеровски, но тоа беше дел од нашите тактички замисли кои донесоа резултат. Честитки до сите мои играчи без оглед на тоа дали некој играше една или 39 минути. Двата тима имаат големи индивидуалци, но решава тоа кој е подобар во моментумот кој со себе го носи мечот. Сите инволвирани во ова, од моите асистенти, до медицинскиот персонал се заслужни за ова. Драго ми е што сеуште имаме шанси за пласман на Евробаскетот. И ќе продолжиме да ги бараме своите шанси за тоа, да бидеме во тоа друштво. Ова е апсолутно заслужено”, изјави селекторот Александар Јончевски.