Германскиот шампион Баерн Минхен го договори трансферот на македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ за време на викендот, а тој потпиша договор до крајот на сезоната, со опција за продолжување на уште една година.
Димитријевиќ, кој ќе го носи дресот со број 0, веќе ги мина сите медицински и административни проверки и во понеделник навечер ќе го одржи првиот тренинг со новиот тим. За него ова претставува враќање во Евролигата, откако летото се пресели од Олимпија Милано во Зенит Санкт Петербург.
„Баерн е одличен и многу респектиран тим, а кога ќе те побара тренер како Пешиќ, тоа е чест и одлука која се носи без размислување. Сакав по секоја цена да се вратам во Евролигата и од првиот ден да помогнам во остварувањето што е можно повеќе победи. Овој тим има амбиции да ја освои лигата, Купот и до последниот натпревар да се бори за пласман во плејофот на Евролигата. Ќе ја вложам целата своја енергија и борбеност за секогаш да имаме шанса за победа.“, изјави Димитријевиќ.