Во кошаркарска Битола, се е подготвено за завршниот турнир од Купот на Македонија што од четврток до сабота ќе се одржи во салата „Боро Чурлевски“. Прв куп-турнир по 17 години пауза кој ќе се игра во „градот на конзулите“.
Организаторот, кошаркарскиот клуб „Пелистер“ – од Битола, денеска одржа прес-конференција по повод одржување на националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“ во машка конкуренција за 2024 година.
Улогата на домаќин му припаѓа на КК Пелистер, кој поддржан од компанијата „Таск Форс“ го потврдува напредокот на организациски план, со надеж дека сезонава ќе се направи чекор напред и ќе се стигне до трофејот.
„Организацијата на овој куп е уште еден чекор во развојот на КК Пелистер, кој со влегувањето на компанијата Таск Форс ќе биде дополнителен чекор напред и играчки и организациски. Затоа, организацијата на купот е важен фактор за нас за продолжување на развојот, веруваме дека ќе го положиме тој организациски испит и дека на крајот од овој турнир сите ќе бидеме со позитивни впечатоци“ – порачаа од КК Пелистер.
Спортскиот директор на Македонската кошаркарска федерација, Марјан Србиновски изрази надеж дека Куп-натпреварувањето ќе мине во беспрекорна организација и дека ќе понуди квалитетна кошарка.
„Купот се сели во Битола, во организација на КК Пелистер и на Општина Битола. Не се сомневаме во организациските способности, како федерација сакаме ова да биде празник на кошарката, трибините да бидат исполнети и со една ферплеј игра најдобрата екипа да го крене пехарот“, истакна Србиновски.
На собирот, претставниците на осумте екипи во машка конкуренција, кои ќе земат учество на завршниот турнир на Купот, кој ќе се игра во периодот од 15. до 17.февруари, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола ги искажаа своите размилувања пред оној официјален почеток на 32. издание од Купот на Македонија.
МЗТ Скопје е бранител на трофејот освоен лани, а „металците“ барем на хартија би требало да имаат најлесна задача во четвртфиналето, во кое за противник ќе ја имаат екипата на Гостивар.
Присутен на денешната прес-конференција во Битола беше помошниот тренер Миодраг Тодоровиќ, кој не крие дека аеродромци полни со оптимизам ќе допатуваат в четврток во „градот на конзулите“.
„Пред се да изразам задоволство што Купот се игра надвор од Скопје, сите нас треба да не радува што се појавуваат нови кошаркарски центри како што е Битола. Можеби Битола долго време важи за ракометен град, но верувам дека со развојот на кошарката и тоа ќе се помени. Самото име МЗТ носи своја тежина и како 11-кратен освојувач на купот одиме по нов трофеј. Играме со Гостивар, тим предводен од тренер кој е легенда на македонската кошарка и кој ќе знае како да ја подготви својата екипа. Врзавме неколку победи на АБА2 турнирот, без лажна скромност ние доаѓаме за да го одбраниме трофејот. Веќе два пати ни успеа во првенството да освоиме титула во Битола, се надевам дека сега ќе освоиме и куп-трофеј од овој град“, изјави Миодраг Тодоровиќ.
На спротивната страна, Јорданчо Давитков како предводник на Гостивар се пожали на проблеми со ростерот, но и најави борба на својот тим во обид да приреди изненадување.
„Битола е кошаркарски град, се надевам дека ќе има полна сала и дека во трите дена ќе бидеме дел од кошаркарски празник. Екипите се доста израмнети и ќе мора сите да се намачат за да стигнат до победите што ги посакуваат. Нека биде се на висина на задачата,па најдобриот нека победи на крај. Можеби е клише, но во купот нема фаворити, тоа е специфично натпреварување во кое многу послаби екипи победувале поголеми фаворити. Ние имаме навистина многу повредени играчи, МЗТ е еден од фаворитите, ние ќе одиграме најдобро што можеме, па ќе видиме колку е тоа најдобро што можеме доволно за да стигнеме до добар резултат“, прокоментира Јорданчо Давитков.
„Голема чест и задоволство е да се биде дел од овој настан, се надевам дека ќе биде во најдобар ред. Како играч имам многу куп-трофеи, но сега сум во поинаква улога. Работнички секогаш атакува на трофеи, поголем акцент ставаме на титулата, но кога сме тука секако дека ќе сториме се за да го кренеме и куп-пехарот“, прокоментира Горан Самарџиев на денешната прес-конференција.
„Црвено-белите“ од Скопје во четвртфиналето ќе се сретнат со ТФТ, ривал што два пати го совладаа во Првата лига, но што сигурно е способен да им создаде проблеми, па избраниците на Самарџиев мораат да бидат на висина на задачата ако сакаат да ја минат првата пречка.
„Голем поздрав за идејата куп-натпреварувањето да биде надвор од Скопје, сметам дека тоа ќе биде голем мотив за битолската публика и мислам дека ќе донесе дополнителен шмек на ова натпреварување. За нас купот засекогаш ќе остане специјално натпреварување, нешто што одговара на нашиот менталитет бидејќи со себе носи и емоција и инспирација. За некој да го освои купот треба да биде на физички план подготвен за три врвни меча за три дена, што не е нималку лесна. Противник ни е Работнички, екипа што е во завршна фаза на враќањето на победнички патеки. Тоа е тим што ни ги нанесе двата најубедливи пораза оваа сезона. Фокусот ни е на првиот меч, а сонуваме за финале в сабота“, изјави стратегот на ТФТ, Боро Смилковски.
Еуро Никел и Чаир ќе излезат на мегдан во четвртфиналето од Купот на Македонија, два тима што важат за пријатни изненадувања оваа сезона и кои ќе водат жестока битка за пласман во полуфиналето од ова натпреварување.
Тренерот на кавадарчани верува дека и покрај двата тесни порази во последните две пресметки со МЗТ Скопје и со Работнички, тимот на Еуро Никел ќе се врати на победнички патеки токму за куп-завршницата.
„Доаѓаме период откако за пет дена одигравме два интересни дуела. Во претстојниот период сме фокусирани само на дуелот со Чаир, можам да кажам дека имаме максимален респект кон противникот, знаеме дека имаат претрпено играчки промени во однос на првиот меѓусеен дуел. И тие исто како и ние имаме своја математика, ни останува да се претставиме во најдобро светло “, изјави тренерот на Еуро Никел, Тодор Манев.
Во таборот на Чаир владее оптимизам дека во дебито на куп-натпреварувањето ќе се успее да се стигне најмалку до една победа.
„Сосема заслужено сме дел од ова натпреварување. Еуро Никел е тим што го респектираме, тие се единствениот тим што успеа да слави против нас во Чаир. Ги увидовме грешките од тој меч, добро ќе се подготвиме, се наоѓаме во добра форма од три победи по ред и верувам дека ќе одиграме добар меч“, прокоментира стратегот на Чаир, Ерхан Рамадан.
Пелистер и Феникс 2010 ќе го одиграат последното четвртфинале на првиот ден од програмата на завршниот турнир од Купот на Македонија. Битолчани како домаќини не ја кријат желбата да стигнат до трофејот пред своите верни навивачи, но против себе ќе го имаат Феникс, тим од кој беа елиминирани лани од ова натпреварување.
Овие два тима се сретнаа пред неколку дена во рамките од Првата лига, при што Пелистер по голема битка успеа да триумфира како најава за куп-битката.
„Очекувам дека Битола како прво ќе се покаже како одличен домаќин. Видливо е дека Пелистер како клуб расте од година во година, овој дел од сложувалката со организацијата на Купот е благодарение на Општина Битола и на компанијата „Таск Форс“. Очекувам дека ќе имаме тродневен спортски маратон каде ќе гледаме убави натпревари и каде битолската публика ќего препознае квалитетот и ќе ни даде поддршка. Во однос на противникот, Феникс е традиционално незгоден ривал на Пелистер, и оваа година натпреварот пред неколку дена се покажа како доста тежок за нас. Имајќи го во предвид фактот дека за 13 дена игравме шест меча и истрошеноста беше видлива, во однос на тоа како се одвиваше мечот. Се надевам дена во наредните денови ќе се стабилизираме и добро ќе се подготвиме за она што не очекува в четврток. Во моментов сме фокусирани само на Феникс, тим што цела сезона игра квалитетно, воопшто не размислуваме на ништо друго“, изјави стратегот на „пелистерци“, Дарко Радуловиќ.
Феникс лани приреди изненадување со пласманот во големото финале, а скопскиот клуб ќе допатува во Битола со уште поголем оптимизам, најавувајќи атак на големиот трофеј.
„Ние лани игравме финале, оваа година сме дојдени за да го освоиме трофејот. Ќе бидам краток. Го почитуваме секој противник, Пелистер е квалитетна екипа, наптреварот ќе биде тежок, но ние доаѓаме за да се обидеме да го освоиме трофејот“, прокоментира тренерот Денис Дервишевиќ.