Македонската кошаркарска федерација организираше прес-конференција поврзана со актуелниот момент на работењето, и ситуацијата во македонската клупска и репрезентативна кошарка.
На прес-конференцијата првиот човек на федерацијата, Перо Антиќ најави дека се укинува котизацијата за екипите во Првата лига, благодарение на новиот спонзор.
„Последен пат Федерацијата имала спонзор за Првата лига мажи пред 14 години. Партнер најдовме во МТЕЛ, верувам на сите ви е познат. Станува збор за компанија чија примарна цел се телекомуникациите, но поддршката за врвен спорт не изостанува. Во минатото МТЕЛ помагал на многу македонски клубови и спортисти, меѓу кои и нашите два најтрофејни клубови МЗТ Скопје Аеродром и Работнички“, изјави Антиќ.
Со поддршката од МТЕЛ за претстојната натпреварувачка сезона односно 2024/2025 клубовите од Првата лига мажи ќе бидат целосно ослободени од котизацијата за учество.
„Кога го преземавме раководството, котизацијата беше 10.000 евра. Ние одлучивме да ја намалиме на 8.000 евра, а сега најдовме и спонзор кој ќе ја преземе и таа обврска за клубовите. Соработката е потпишана на една година, но се надеваме дека со взаемен успех ќе биде продолжена“, потврди првиот човек на кошарката во Македонија.