Европската фудбалска куќа (УЕФА) планира големи промени во начинот на кој се користи ВАР технологијата, со цел да се врати динамиката на играта и да се намалат непотребните прекини. По завршувањето на Светското првенство ова лето, УЕФА ги повика лидерите на најсилните европски лиги на клучна средба за да се воспостави нов, „полесен“ пристап кон видео-технологијата.
Целта на првиот човек за судење на УЕФА, Роберто Росети, е да ги убеди Премиер лигата, Ла Лига и Серија А да усвојат конзистентен модел во кој ВАР ќе интервенира само при очигледни грешки, а не за „микроскопски“ ситуации кои често траат со минути и ја убиваат емоцијата кај навивачите.
Росети уште минатиот месец во Брисел беше дециден дека ВАР станува премногу форензички систем.
Тој јасно се спротивстави на идеите на ФИФА за дополнително проширување на технологијата, како што се проверки за корнери или втори жолти картони.
„Не смееме да одиме во насока на микроскопски интервенции. Го сакаме фудбалот таков каков што е“, изјави Росети, нагласувајќи дека технологијата треба само да ги спречи најголемите неправди, а не да го мери секој милиметар на теренот.
Иако некои навивачи бараат целосно укинување на системот, ставот на УЕФА е дека патот назад не постои. Судиите веќе се навикнати на помошта од технологијата за офсајд и гол-линијата, па нејзиното отстранување би предизвикало хаос. Наместо тоа, планот е интервенциите да бидат што е можно побрзи и помалку интрузивни.