Фудбалерот на Бенфика, Џанлука Престијани привремено е суспендиран и нема да биде на располагање на Жозе Мурињо за реванш дуелот против Реал Мадрид в среда за дуелот од Лигата на шампионите.
Аргентинецот е обвинет дека за време на првиот дуел од 1/16 финалето расистички го навредувал играчот на Реал Мадрид Винисиус Жуниор.
Од Бенфика реагираа веднаш дека ќе се жалат, иако се сомневаат дека жалбата ќе има некое влијание.
Навредите стигнаа кога играчот на Реал Мадрид го постигна голот, што се покажа како единствен и решавачки за првиот дуел. Престијани нешто му дофрли на играчот од противничкиот тим, иако не можеше убаво да се види бидејќи го стави дресот над устата. Бразилецот реагираше кај главниот судија дека му биле упатени навреди на расна основа, а прекинот траеше околу 15 минути.
УЕФА донесе одлука суспензијата за Престијани да трае, додека не се заврши истрагата.
Реал Мадрид славеше победа на првиот дуел со 1:0 што се одигра во Лисабон. (МИА)