Одбранбениот играч на турската фудбалска репрезентација, Мерих Демирал е суспендиран на два натпреварa по гестот што го направи по победата на неговиот тим во осминафиналето на ЕП против Австрија, пренесуваат германските медиуми.
Сепак, Турскиот фудбалски сојуз во четвртокот соопшти дека веста за казната не е точна бидејќи „УЕФА сè уште не ја завршила истрагата“.
– Имаме рок до петок наутро да ги претставиме нашите аргументи против казната, се вели во соопштението.
Европската фудбалска унијја (УЕФА) отвори истрага против Демирал за „наводно недолично однесување“ на натпреварот на кој Турција ја победи Австрија со 2-1 и се пласираше во четвртфиналето.
Турскиот дефанзивец, кој ги постигна двата гола, ја прослави победата со „волчји поздрав“, односно симболот на „Сивите волци“, движење кое промовира десничарска екстремистичка идеологија која верува во супериорноста на „турската раса“.
Нивната работа е забранета во Франција, нивните симболи не смеат да се користат во Австрија, додека работата на „Сивите волци“ во Германија е под посебен надзор.
– Симболите на турските десничарски екстремисти немаат место на нашите стадиони, рече германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер во објава на X.
Доколку веста за казната се покаже како вистинита, Демирал ќе може повторно да игра само ако Турција се квалификува за финалето. Турција во сабота во Берлин во четвртфиналето ќе игра против Холандија.