Македонската репрезентација до 21 година утре го игра својот втор натпревар во квалификациите за Европското првенство 2027.
Избраниците на селекторот Горан Станиќ на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола ќе се соочат со селекција на Италија еден од топ фаворитите во нашата група.
Станиќ очекува сосема поинаков натпревар од мечот со Полска.
„Полска е зад нас, ги воочивме грешките и ќе се потрудиме да не се повторат утре против Италија. Имавме и низа позитивни работи од мечот во Краков. Бевме речиси егал во посед на топка, ни недостасуваше последно додавање и завршница, а головите ги примивме наивно. Еден автогол, вториот од сомнителна ситуација за офсајд и последниот по индивидуална грешка. Резултатот не е мерило за играта“, изјави селекторот.
Тој додаде дека тимот е целосно подготвен за новиот предизвик.
„Фудбалерите се подготвени за Италија. Анализиравме и планот за мечот е направен. Италија е многу поразлична репрезентација од Полска. Играат различен систем, тактички се на врвно ниво, имаат брзи крила и треба да бидеме многу внимателни“, порача Станиќ.
Натпреварот меѓу младите репрезентации на Македонија и Италија е закажан за во вторник од 18:15 часот