Англија или Швајцарија, една од овие селекции денес ќе го заврши својот настап на Европското првенство во Германија. Двете земји никогаш не стигнале до европскиот трон, но често ја минуваат групната фаза на големите натпреварувања.
Швајцарија на ова Европско првенство го израмни најголемиот успех на континенталните турнири. И тоа со исфрлање на бранителот на титулата Италија во осминафиналето, на кое му претходеше победа над Унгарија и реми со Германија и Шкотска во групната рунда. Селекторот Мурат Јакин „пука“ од самодоверба пред дуелот со Англичаните.
„Дали ова е натпреварот на мојата кариера? Тоа прашање ми беше поставено пред последните два натпревари. Се надевам дека ќе победам уште двапати пред да заминам од Германија.
Се разбира, ова е посебен натпревар за мене и мојот тим, можеби следниот ќе да биде уште повеќе… Не знам што ни подготвува Англија, но гледам дека мојот тим е во добра форма и полн со самодоверба“, рече Јакин.
Дуелот меѓу Англија и Швајцарија се игра во Дизелдорф, а за главен судија е назначен Орсато од Италија.