Играчот за врска на премиерлигашот Тотенхем, Џејмс Медисон е изоставен од списокот на англиската репрезентација за претстојното Европско првенство во Германија.
Дваесетиседумгодишниот Медисон беше на поширокиот список од 33 репрезентативци за подготвителниот натпревар против Босна и Херцеговина што се одигра во понеделник. Медисон одигра 29 минути во победата од 3:0, но синоќа беше потврдено дека Медисон дефинитивно го напушта репрезентативниот табор и нема да се најде на конечниот список на селекторот Герет Саутгејт.
Англиските медиуми јавија дека Саутгејт ќе го објави конечниот список со 26 фудбалери в сабота, по последната проверка против Исланд на Вембли.
Европското првенство во Германија е на програмата од 14 јуни до 14 јули.